Кофинансираните специјализанти преку протест побараа регулирање на работниот однос – ММС
ММС

Објавено на: 11/18/19 1:14 PM

Кофинансираните специјализанти преку протест побараа регулирање на работниот однос

Регулирање на работниот однос од определено на неопределено време и добивање на сите останати привилегии, обврски и права кои ги имаат сите вработени, особено доктори. Ова се барањата на претставниците од групата на кофинанасирани специјализанти кои денеска излегоа на мирен протест пред Министерството за здравство со цел да го изразат своето незадоволство во однос на нивните договори за работа. Тие велат дека би биле задоволни со тоа што би биле нивелирани како сите останати доктори што работат во државата, особено специјализанти. Прашуваат зошто и на кој начин се ставени во подредена позиција.

Доктор Филип Наумовски, специјализант по анестезија и реанимација изјави дека одлуката за овој протест е резултат на претходни повеќекратни средби и како што рече, неможност да наидат на разбирање за решение на проблемите кои потекнуваат од договорот за вработување.

Сандра Цилевска, специјализант на Трауматологија, вработена во Општа болница Велес изјави дека министерот за здравство Венко Филипче е запознаен со нивните барања и додаде оти оствариле многу средби.

„Ние сме посебна група кофинасирани специјализанти, иако не’ мешаат со приватните кои се друга група. Ние работиме под определени услови кои не важат за ниедни други вработени во државата. Нашите договори се на определено време, до завршување на специјализација и потоа преминување на неопределено време. Во меѓувреме земаме просечна плата на ниво на држава што е 24 илјади денари и која во однос на останатите плати на медицинските лица е многу пониска“, рече Цилевска.

„Во меѓувреме сами кофинансираме специјализација. Во зависност од степенот на кофинасирање, кај некои достигнува дури до 80 отсто самостојно плаќање, а од друга страна имаме исти договори како државните специјализанти на кои 100 отсто државата им ја исплаќа специјализацијата“, додаде таа.

„Исто сме врзани како нив да враќаме, односно поради последните промени кај нив се промени враќањето 1:2, на место порано 1:5, кај нас остана исто. И покрај тоа што имавме договори со министерот тоа да се смени, да помине на законска регулатива во Собрание, тоа не се спроведе. Ние останавме со врзување 1:5“, објасни Цилевска. Додаде дека голем дел од нивните колеги кои станале специјалисти не успеале да го стекнат правото да се вработат на неопределено време, како што е определено во истиот тој договор поради правни пречки.

Одговарајќи на новинарско прашање, Цилевска посочи дека последната официјална средба со министерот Филипче ја имале пред четири месеци кога се договориле да изнајдат решение.

Специјализантите најавуваат дека даваат рок се’ за да се заврши максимум до еден месец. Знаат дека спроведувањето може да потрае подолго и свесни се дека проблемот е комплексен. Ако не се исполнат нивните барања велат дека ќе продолжат со протести и со останати форми на изразување револт. Велат дека во организацијата на овој протест имаат поддршка од своите ментори, колеги, матичните институции каде се вработени и од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари- АСМЛ и Здружението на лекари специјалисти -ЗЛС.