Потрошувачките кредити најбарани од граѓаните, брзината и каматите најважен критериум при изборот на банката – ММС
ММС

Објавено на: 11/18/19 8:23 AM

Потрошувачките кредити најбарани од граѓаните, брзината и каматите најважен критериум при изборот на банката

 Брзото одобрување на средствата и каматната стапка се најважните услови за граѓаните при изборот од каде ќе земат кредит кога им се неопходни средства. Меѓу важните критериуми ги наведуваат и тоа дали им треба жирант, колку вкупно ќе вратат, а кај некои само колку ќе биде ратата за кредитот. На располагање им се различни понуди од банките, кои истакнуваат дека секогаш сакаат да излезат во пресрет на барањата на потрошувачите.

Потрошувачките кредити се најбараните во банките. Податоците на Народната банка покажуваат дека заклучно со 30 јуни 2019 година се издадени потрошувачки кредити во износ од 89.389 милиони денари, каматната стапка кај денарските кредити со девизна клаузула се движи од 3,30 до 6,17 отсто, а кај кредитите без девизна клаузула од 5,09 до 6,91 отсто. Кај потрошувачките кредити во евра се движи од 4,03 до 5,84 отсто, а просечната е 5,46 отсто. Просечната каматна стапка кај сите кредити изнесува 5,84 отсто.

Од Халк банк на потрошувачите им порачуваат дека кога се одлучуваат за потрошувачки кредит треба да внимаваат на каматната стапка, рокот на отплата, начинот на аплицирање и дополнителните трошоци, а порачуваат да се гледаат предностите на понудата и да се искористат промотивните периоди.

Пари секогаш се потребни, велат од банките, дали за обнова на дотраен апарат во домаќинството, за нов мебел, нов компјутер, за студии за децата, за патување, убав одмор.

– Желби и потреби секогаш има многу, а заштедени средства најчесто недоволно за нивно задоволување. Во ваква ситуација решение кое стои на располгање е позајмување средства од банка преку подигнување потрошувачки кредит, посочуваат од банката.

Висината на каматата е важна бидејќи од неа зависи ратата. Колку е помала каматната стапка, толку е поголема и заинтересираноста на потрошувачите за одреден вид кредит, наведуваат од Халк банк, посочувајќи на нивната понуда за Релакс потрошувачкиот ненаменски кредит со животно осигурување каде што каматата за првите две години е фиксна и изнесува пет отсто. А дополнително до 15 декември се намалени и дополнителните трошоци.

Им посочуваат на потрошувачите дека и рокот на отплата исто така е важен, бидејќи кусиот временски период на отплата носи повисока рата за кредитот и помалку средства за тековните потреби.

– Рокот на отплата на кредитот е важен особено при подигнување кредит со поголем износ. Токму затоа од Халк банк велат дека нивниот кредит нуди отплата на период до 120 месеци за износ до 1.200.000 денари.

Со дигитализацијата на процесите на граѓаните им е важно да може да аплицираат електронски, да не мора да одат и да губат време во банките, туку тоа да го направат од компјутер, лаптоп… Преку веб-страниците на банките може да се направи и пресметка за висината на ратата.

Од Халк банк велат дека она на што потрошувачите не обрнуваат многу внимание е висината на дополнителните трошоци, како што се за обработка на договорот.

Она што се порачува до граѓаните е да ги користат промотивните периоди во кои може да има намалени каматни стапки, да не се наплати надомест при предвремена отплата, да не се наплати провизија за обработка на кредитот и слично.

Од Охридска банка наведуваат дека континуирано работат на овозможување одлично корисничко искуство со креирање понуди што одговараат на специфичните потреби на клиентите и дека во таа насока нудат два типа потрошувачки кредит во зависност од износот. Така промотивно преку Лесен кеш кредит до крајот на годината каматната стапка е 5,1 отсто за првата година. Износот е до 1.200.000 денари и максимален рок на отплата од 95 месеци.

Од банката потенцираат дека и во иднина ќе продолжат со работа на подигнување одлични понуди кои ќе поддржат идеи, замисли и лесно остварување на желбите на клиентите.

Граѓаните оценуваат дека може лесно да се дојде до потребните средства, но оти при изборот и кога им требаат пари најчесто прва станица каде што ќе се обратат е во банката во која земаат плата.

МИА