Алкалоид се пласира на четврто место на Европскиот клупски куп 2019 – ММС
ММС

Објавено на: 11/17/19 3:02 PM

Алкалоид се пласира на четврто место на Европскиот клупски куп 2019

Нов европски клупски првак во шах е екипата „Obiettivo Risarcimento” Падова, Италија, со освоени максимални 14 бода од седум мечеви. Во конечниот пласман на купот што се одржа во Црна Гора, екипата на „Алкалоид“ беше четврта, со 10 меч бодови. По серијата од три високи победи во претходните кола, во меѓусебниот решавачки меч во последното коло, екипата на „Алкалоид“ влезе со императив за победа која ќе значеше и втора шампионска титула, соопштија од скопскиот шаховски клуб.

Меѓутоа, во рана фаза на партиите Ковалев на шестата табла дојде во непријатна, послаба позиција, и неговиот противник не ја испушти шансата да освои цел поен.

На првите три табли шахистите од италијанската екипа одиграа цврсто и солидно, па сите обиди на Мамедјаров, Андреикин и Шанкланд да постигнат предност останаа без успех, и тие партии завршија со реми, како и Криворучко на петтата табла. На четвртата табла во борбена игра, во одреден момент Инаркиев оствари мала предност, но таа се покажа недоволна за победа, иако долго се обидуваше нешто да извлече од позицијата. Конечен резултат во мечот е минимален пораз за Алкалоид 2,5:3,5.

Во конечниот пласман екипата на „Алкалоид“ се пласира на четвртото место, со 10 меч бодови, одржувајќи се и натаму, во континуитет, при врвот на европските клупски натпреварувања. Одлична игра покажа лидерот на екипата, велемајсторот Мамедјаров, кој со три победи и две реми освои златен медал за најдобар личен резултат на првата табла. Покрај него, Ковалев освои сребрен медал на шестата табла.

Второто место го освои „АВЕ Нови Бор“ од Чешка, а третото „Медниј Всадник“ од Русија.