Најголем број пријави за кршење на работничките права во Источниот регион за изминатите две и пол години се регистрирани во Штип и во Кочани, двете најголеми општини во регионот, а најмалку во Виница и во Берово, беше речено на презентацијата од заедничкото истражување на невладините здруженија „Ини” од Виница и „Надеж” од Македонска Каменица.
Истражувањето се спроведуваше во изминатите пет месеци во десет општини од регионот, во рамки на проектот „Граѓаните се вистинскиот инспектор”. Според добиените податоци, за периодот од почетокот на 2017 до средината на 2019 година до Државниот инспекторат за труд во Штип биле поднесени 653, а во Кочани 278 претставки, за кои биле донесени 316, односно 479 решенија и само шест прекршочни пријави.
Податоците од Хелсиншкиот комитет за утврдени прекршувања и дадена бесплатна правна помош покажуваат драстично повисоки бројки, односно во Штип имало 4.158 пријави, во Пробиштип 1.618, а во Кочани претставки поднеле 1.460 работници.
-. Податоците покажуваат дека граѓаните имаат поголема доверба кон граѓанските организации, отколку кон институциите, поради што изготвивме конкретни заклучоци што треба да придонесат за унапредување на бизнис-климата, но и на работењето на трудовиот инспекторат. Освен истражувањето на состојбите, со проектот правевме едукација на граѓаните, но и на самите инспектори за улогата што ја имаат во заштитата на работничките права. Нашите предлози се да се формираат синдикални организации во сите поголеми економски субјекти, канцелариите на инспекторатот да бидат видно обележани и да имаат пристап за лицата со попреченост, да имаат активни телефонски линии, пријавувањето да не е само во канцелариите, туку и преку телефон или интернет, а трудовиот инспектор да реагира во рок од три дена. Исто така, бараме трудовите инспектори да сведочат во судски постапки и кривично да одовараат ако тоа го одбијат или ако ги релативизираат фактите и даваат лажни искази, истакна Зоран Биковски од здружението „Надеж”.
Според Биковски, неопходна е натамошна едукација на работниците и формирање на социјално-економски совети преку кои ќе се следи бизнис климата, нелојалната конкуренција и условите за подобри работнички права.
Добиените податоци од истражувањето се доставени до државните органи и дел од сугестиите се прифатени, односно предвидени се дополнителни средства за руралните средини, а има влијание и во подготовката на новиот Закон за работни односи.
Проектот „Граѓаните се вистинскиот инспектор” се реализираше во соработка со фондацијата „Метаморфозис”, а со финансиска поддршка од фондовите на Европската Унија.
МИА