Здружението на лозароовоштари бара да се прогласи елементарна непогода суша – ММС
ММС

Објавено на: 11/14/19 12:01 PM

Здружението на лозароовоштари бара да се прогласи елементарна непогода суша

Да се прогласи елементарна непогода суша, побара денеска меѓу другото на прес-конференција во Кавадарци новоформираното Здружение на лозароовоштари.

Претседателот на здружението Златко Стојчев нагласи дека според нив, дополнителните субвенции не треба да се даваат по килограм грозје, туку според површина лозов насад, бидејќи лозарите со лозја без систем за наводнување, годинава немаа ниту квантитет, ниту квалитет и се во огромна загуба.

– Проблем е и тоа што одделни винарии нудат да го платат грозјето порано од предвидениот законски рок, но ја намалуваат цената по килограм грозје за еден денар, рече Стојчев.

Членот на здружението Диме Соколов нагласи дека трошоците на лозарите за производство на грозје се зголемуваат, а цените во секојдневното живеење растат, додека цената за килограм грозје не се зголемува. Тој се осврна и на проблемот со наводнување.

Друг член на здружението, Дане Јошев, пак, потсети на некои од нивните барања, како гарантирани субвенции и минимални цени, вода во сушните региони, Закон за грозје и да нема акцизи за производство на домашна ракија до влезот во ЕУ.

МИА