Родителите на деца со дијабет 1 бараат што побрзо да се обезбедат сензорите за мерење шеќер во крвта – ММС
ММС

Објавено на: 11/14/19 10:23 AM

Родителите на деца со дијабет 1 бараат што побрзо да се обезбедат сензорите за мерење шеќер во крвта

Нема конкретна бројка колку деца со дијабет има во Битола, но нивниот број расте – велат од Здружението за деца со дијабет тип 1 од Битола. Тие синоќа организираа трибина по повод Светскиот ден за борба протв дијабетесот, 14 ноември со цел да ги посочат проблемите со кои се соочуваат. Едно од нивните барања е да се обезбеди ендокринолог педијатар бидејќи во Битола нема, а за секоја терапија треба да патуваат до скопската клиника.

Бараат и што побрзо да се обезбедат сензорите за мерење на шеќерот во крвта со што ќе им се олесни животот на нивните деца.

-Тие се доста потребни особено за деца кои се мали, каде што нема континуирана исхрана, доаѓа до боцкање до 10 пати, само за мерење на шеќерот, со нив ќе се намали стресот кај децата, боцкањето, повеќе слобода и функционирање како кај секое дете. Нивната цена е релативно висока, тие се околу 120 евра месечно, не е за потценување, го набавуваме од другите држави, во Македонија нема достава за жал – вели Марија Кожинковска, претседател на Здружението за деца со дијабет 1 Битола.

-По однос на терапиите последните неколку години, не каскаме зад европските земји, но со помагалата доцниме, сензорите веќе две години ги бараме од здравствените власти да ни ги обезбедат, за децата да имаат живот со помалку болка – додава Наташа Деспотовска Димитриевска од  Асоцијацијата за детски дијабетес Баланс Мк.

Најважна е секојдневната контрола и редовното земање терапија, велат лекарите.

„Тие се здрави деца кои можат да живеат нормално, нормално ниво на шеќерот нема да доведе до пореметување до нивното здравје“, изјави д-р Олга Лозановска, интернист.

Во Македонија има околу 500 деца со дијабет според регистарот на одделот за ендокринологија при Клиничката болница во Скопје.