Отворен гроб во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица” во делчевското село Трботивиште, предизвика вознемиреност на тамошните жители. Гробот, како што информираа мештаните е ископан за да биде вечно почивалиште на свештеник, кој како што велат ниту бил поп, ниту живееле во селото.
-Јас кога ќе излезам од вратата на мојот дом, право гледам во гробот и во ископаната дупка. Не е убаво, ова е црква, луѓе доаѓаат овде за крштевки и венчавки, а на влезот има две дупки. Едната дупка ја ископаа, но не ја вратија земјата, а другата е бетонирана, вели жителка на село Трботивиште.
Свештеникот кој се уште е жив и живее во Штип, со црковно одобрение, поднел барање до црквата по упокојувањето да биде закопан овде. Тој вели дека има одобрение за тоа, а случајот го потврдија и од парохијата во Тработивиште, од каде велат дека според документот, неговата желба не се коси со црковните канони.
-Според црковните канони, тој има доставено до мене документ од епархијата со кој може да се погребе во црковниот двор.Уште во старо време е дозволено свештениците да може да се закопуваат во црковниот двор, рече свештеник Васко Шонтевски.
Местото на мртвите, според мештаните е на гробиштата, а не во црковниот двор. Уште помалку во црковниот двор, место треба да резервираат живите, додаваат тие. И покрај ова, селаните со големо вознемирување влегуваат во црквата и и бараат итно потрупување на ископаните дупки.