Нов водоводен систем за жителите на селото Манастирец – ММС
ММС

Објавено на: 11/12/19 5:02 PM

Нов водоводен систем за жителите на селото Манастирец

Дополнителни количини на вода за пиење ќе добиваат жителите на росоманското село Манастирец, со новиот водоснабдителен систем кој се гради. Од општина Росоман велат дека ова е алтернативно решение и ќе биде од големо значење за жителите, бидејќи ќе помогне кога е проблематично водоснабдувањето, особено во текот на летните месеци.

Се работи за проект вреден 2.130.000 денари, финансиран од Општината во соработка со бирото за регионален развој. Самиот проект опфаќа изградба на нов зафат, доводна линија од 1,2 км и базен со вкупна зафатнина од 60м3 вода. Сметаме дека е сосема доволно за подобрување на водоснабдувањето во селото Манастирец. Ова е како е дополнување за критичните периоди кога горните зони имаат проблеми во водоснабдувањето“ вели градоначалникот Бранко Јанев и додава дека со овој алтернативен водоводен систем ќе се ослободат одредени количини на вода за населбата Росоман или Паликура.

Директорот на ЈКП Росоман, Гоце Величковски информира дека издашноста на новиот систем е  80м3 на ден.

„Количина сосема доволна ако знаеме дека Манастирец има 75 домаќинства.  На дневно ниво секое домаќинство ќе добива дополнителна количина од 1,5 м3“  вели Величковски.

И жителите на Манастирец досега се снабдуваат со вода од водоводниот систем Лукар.

Ангел Данов