Европските интеграции во перпсективата на Вардарскиот регион со посебен осврт на Кавадарци беше тема на панел дискусијата што се одржа во Кавадарци, а ја организираше Европско движење во Република Македонија. Дискусијата е дел од проектот: „Граѓанските организации во служба на демократијата“, финансиран од ИПА – 2 механизмот за поддршка на граѓанските здруженија.
„Добив впечаток дека соработката меѓу граѓанските здруженија и општината е на релативно високо ниво и дека постои размена на капицитети од едната и од другата страна, се разбира со она што располагаат граѓанските здруженија. Тоа се нивните иницијативи, нивните активности. Имам впечаток дека овде во Кавадарци тоа е добро поставено и се надевам дека во иднина ова размена ќе даде и други видливи резултати на планот на развој на општината, а има потенцијал за тоа“ вели претседателката на Европското движење во Македонија, Милева Ѓуровска.
Секретарот на општина Кавадарци, Тодор Ефремов смета дека Кавадарци има доволно капацитет да даде придонес за подигање на националниот капацитет за приближување кон Европската Унија на земјава.
„Го истакнавме нашиот капацитет дека поглавјата кои се со најголеми забелешки, а кои се однесуваат на локално ниво, дека Кавадарци е спремен да придонесе на локално ниво да се променат овие стандарди и да се приближиме што поблиску до ЕУ. Кавадарци е на добар пат во смисла на создавање на подобри услови, пред се инфраструктурни услови и подобри услови за земјоделците, образованието и невладините организации“, истакна Ефремов.
Од Европското движење истакнаа дека целта на ваквите дискусии е да се афирмираат европските иницијативи за потесна соработка на локалните власти со граѓанските здруженија, но и со другите чинители во развојните процеси на општината.
Ангел Данов