Бизнис средба на македонскиот и чешкиот текстилен кластер во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 11/12/19 3:13 PM

Бизнис средба на македонскиот и чешкиот текстилен кластер во Штип

Над 600 текстилни компании од Чешка се соочуваат со проблемот на недостаток од работна сила. 20 отсто од овие компании работат на финални производи, што e добар потенцијал за соработка со штипски конфекции, кои во најголем дел работат лон. Взаемна желба за соработка изразија денеска претставниците на текстилните кластери од Чешка и Македонија на бизнис форумот во Штип.

Според  извршната директорка на текстилниот кластер, Наташа Сивевска, македонскaта текстилната индустрија како извозно ориентирана гранка има големи потенцијали за соработка со Чешка бидејќи тоа ќе значи предизвик за отварање на нови пазари.

„Очекувам да реализираме добри средби во две насоки: во насока на соработка со чешки брендови каде што облеката би се произведувала во Македонија и втора насока во делот на набавка на технички материјали за кои што тие имаат развиено производство а ние како производители ќе имаме корист да ги набавуваме овие материјали“, вели Сивевска, која иднината на овој сектор покрај во модната програма, ја гледа и во производство на работни облеки, што носи постабилни нарачки и постабилни цени.

Чешките компании во моментов се соочуваат со застој, бидејќи имаат недостаток од квалификувана работна сила. Решавањето на овој проблем преку увезување работна сила од Украина се покажал како неуспешен, па затоа текстилниот кластер ја гледа меѓународната соработка како начин за подобрување.

„Ја гледаме меѓународната соработка во смисла на тоа дека производството би се споделило а не да се примаат нови работници. Го гледаме македонскиот пазар како природен пазар со кој сакаме да соработуваме, не само на краток рок туку долгорочно“, рече Јиржи Чесал, од чешкиот текстилен кластер.

Дваесетина сопственици и претставници на чешките текстилни компании, дел од чешкиоот текстилен кластер дојдоа на бизнис средбата во Штип. Штипскиот градоначалник Благој Бочварски го оцени овој бизнис форум како многу значаен за градот но и за текстилните работници.

„Значајно е за вмрежување меѓу компаниите од Чешка и нашите домашни компании со цел отворање нови можности, градење нови мостови, создавање нови работни места и нудење подобри и попристојни услови за работа со попристојни плати“, рече градоначалникот Бочварски.
Бочварски смета дека општината треба да создава услови за соработка кои ќе бидат од корист на домашниот бизнис сектор и на граѓаните на општина Штип.