Преку отворено писмо 10 поранешни МНР ја повикуваат ЕУ да ја исправи стратешка грешка за Северна Македонија и Албанија – ММС
ММС

Објавено на: 11/10/19 2:12 PM

Преку отворено писмо 10 поранешни МНР ја повикуваат ЕУ да ја исправи стратешка грешка за Северна Македонија и Албанија

Спротивставувањето на почетокот на пристапни преговори за Северна Македонија и Албанија е стратешка грешка и ги поткопува авторитетот и кредибилитетот на ЕУ, пишува во отвореното писмо на 10 поранешни министри за надворешни работи, меѓу кои и поранешните шефови на македонската и грчката дипломатија Никола Поповски и на Никос Коѕијас, кои воедно ја повикуваат Унијата да ги надмине разликите за конкретното прашање, јави дописничката на МИА од Атина.

Отвореното писмо го објавува грчкиот весник „Та неа”, а потписници се, освен Поповски и Коѕијас, и поранешниот премиер и министер за надворешни работи на Црна Гора Игор Лукшиќ, поранешниот заменик канцелар и министер за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел, поранешната вицепремиерка на Хрватска и поранешна МНР, Весна Пушиќ, како и поранешните шефови на дипломатиите на Албанија, Дитмир Бушати, на Кипар, Јоанис Касулидис, на Бугарија, Кристијан Вгенин на Австрија,Карин Кнајсл и поранешниот министер за надворешни работи на Србија и Црна Гора, Горан Свилановиќ.

Тие пишуваат дека блокадата од ЕУ за Северна Македонија и Албанија ја става под знак прашалник способноста на Унијата за создавање стратешки разврски и стабилност во Југоисточна Европа.

-Спротивставувањето на почетокот на пристапни преговори е стратешка грешка што придонесува во зацврстувањето на статусот кво на Западен Балкан и во неактивноста на ЕУ во еден се повеќе непостојана геополитичка средина. Должност на Европската унија е да придонесе во стабилноста и безбедноста на Југоисточна Европа. Затоа, интеграцијата на Западен Балкан треба да ја сфати како елемент на одговорна политика, а не како товар. Освен тоа, спротивставувањето на почетокот на пристапни преговори со гореспоменатите земји ги поткопува авторитетот и кредибилитетот на ЕУ, пишуваат во писмото поранешните шефови на дипломатиите.

Велат дека процесот на интеграција на Западен Балкан е стабилизирачки процес во регионот, но и еден вид на стратешки клуч за ЕУ да има меѓународно политичко влијание и ја повикуваат Европската унија да преземе одговорност.

-Ја повикуваме ЕУ да ги надмине нејзините разлики во прашањето за пристапни разговори. Пристапниот процес ќе продолжи многу години, а додека трае ќе има доволно време за да се комбинира потребата за дополнителна кохезија на ЕУ со потребата да се задржи во живот европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Според тоа, почетокот на пристапни разговори со Северна Македонија и Албанија, врз основа на нивните обврски е императив и треба да има согласност на следниот Самит на ЕУ. Паралелно, ја повикуваме ЕУ, на претстојниот Самит во Загреб да презентира нови алатки кои што ќе го зајакнат интегративниот процес на земјите од Западен Балкан, пишуваат поранешните министри од 10 земји.