Ќучук: Досега не сме виделе предлози за реформа на преговарачкиот процес – ММС
ММС

Објавено на: 11/8/19 9:02 AM

Ќучук: Досега не сме виделе предлози за реформа на преговарачкиот процес

Новоизбраниот известувач за Северна Македонија во Европскиот Парламент Илхан Ќучук смета дека оние кои предлагаат реформа на преговарачкиот процес на ЕУ треба да понудат јасни и конкретни предлози, и признава дека досега такво нешто не е понудено. 

-Сите говорат за таа реформа, но никој не видел и не анализирал каква ќе биде таа реформа, вели Ќучук во интервју за МИА, прво од неговото назначување за известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент. 

Тој смета дека е нејасно за какви други критериуми за преговарање може да се зборува, имајќи предвид дека актуелните се јасни- Копенхашките. Исто така тој смета дека реформата не може да биде бескрајна, туку со јасни рокови, од кога до кога ќе се води и како треба да изгледаат.

Одлуката да не се отворат преговори со Македонија лично ја смета за разочарувачка, но има надеж дека е можно да има силна, консолидирана европска позиција пред Самитот во Загреб која ќе даде јасна насока за Северна Македонија и останатите земји од регионот. 

Неговата намера во новата функција како известувач вели дека е да ги обедини силите на сите политички групи во ЕП за да изготват проевропски извештај кој ќе ја изрази амбицијата Северна Македонија да стане дел од ЕУ.