Привршуваат градежните активности за изградба на кружниот тек на влезот во Куманово. Се очекува сообраќајницата да почне да се користи до празникот на градот, 11 Ноември.
Како што информира градоначалникот Максим Димитриевски, во моментов се работи интензивно, а целокупната јавно-прометна површина околу сообраќајницата дополнително ќе биде завршена и хортикултурно уреден веднаш по празникот.
-Немам намера да сечам црвени ленти кога асфалтираме улици или за други инфраструктурни проекти, бидејќи тоа е моја работа. Верувам дека изведувачот ќе успее да заврши и да го стави во функција кружниот тек за да биде функционален. Имавме сериозни технички проблеми при реализацијата на овој проект, наидовме на недефинирана и невцртана подземна инсталација, бидејќи Куманово нема подземен катастар. Имавме мали застои, но задоволен сум од активностите, изјави Димитриевски.
Ова е прв кружен тек што се гради во Куманово, непосредно на влезот од автопатот. Од Општината сметаат дека ќе го намали сообраќајниот метеж и дека градот ќе добие модерен лик.
Кон крајот на јуни годинава, Општина Куманово распиша тендер и одвои 19,7 милиони денари за избор на компанија за изградба на кружниот тек. Го доби кумановската фирма „Кооп Инжинеринг”.