Граѓаните не целосно ја разбираат енергетската ефикасност. Многу мина сметаат дека ако ги заменат прозорците или постават изолазација на ѕидовите, обезбедиле добра енергетска ефикасност, но тоа не е така. Ова меѓу другото беше речено на предавањето на оваа тема во Неготино.
Професорот Даме Димитровски од машинскиот факултет во Скопје вели дека поимот енергетска ефикасност е добро промовиран во изминатиот период во државата и луѓе од различни возрасти знаат на некој начин за овој поим, но не во целост.
„ Но повеќето стручњаци знаат дека е тоа сет на мерки или комплексна анализа на објекти, кои ќе доведат главно до три работи. Намалување на трошоците за објектот, намалување на искористената енергија за него и најзначајно, намалување на загадувањето кое е последица на првите две работи. Глобалното, но и загадувањето во локалната средина. Некои помалечки групи, рече, слушнале за овој поим, пробале да заменат прозорци, стручњаците прават анализи на објекти и прават нови системи со кои ќе ги намалат потрошувачките на енергија, финансиските трошоци и слично“ вели Димитровски.
Тој нагласи дека во државата се појавуваат голем број на проекти кои имаат за цел подобрување на енергетската ефикасност.
Професорот се осврна и на светските трендови, информираше дека ние сме во фаза во која имаме правилник за енергетска ефикасност, па дури зборуваме и за објекти кои имаат скоро нула потрошувачка на енергија.
-Од друга страна, светот стигнува во објекти кои имаат плус производство на енергија од мрежата, а имаат нула емисии во околината. Заблудите кај нас се во тоа дека луѓето, администрацијата или оние кои ги прават мерките, одбираат сет на мерки без да направат сериозна анализа на објектот. Секој објект, треба да добие модел и со предлагање на различни елементи, да се одберат мерки кои ќе го подобрат објектот, ќе заштедат енергија, емисии и ќе донесат средства за неговиот сопственик“ вели професорот.
По правилникот, од 2013 година наваму, сите објекти кои се изградени исполнуваат некои карактеристики на енергетска ефикасност. Мал дел од постарите објекти имаат направено енергетско ефикасни фасади или замена на прозорци. Мал дел објекти постари од 2013, имаат заменето систем за греење со енергетски ефикасен. Има голема можност за напредок во сите објекти- беше речено на предавањето кое е дел од прекуграничниот проект со Грција, насловен ,,Проект за енергетска ефикасност во пограничниот регион како индикативен фактор за политика на животната средина”.
Ангел Данов