Дванаесет милиони денари ќе чини реконструкцијата на спортската сала „Младост“ во Неготино. После долги години пропаѓање на салата и лоши услови за спортистите од овој град објектот ќе биде целосно реновиран, најавија градоначалникот на Неготино Тони Делков и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
Според динамиката на работите, ќе се изврши комплетна замена на старата со нова подна и кровна конструкција на салата со средства од Агенцијата за млади и спорт, а општина Неготино ќе обезбеди средства за дооформување на соблекувалните и поставување електрична мрежа.
„ Јас лично, како спортист мојата младост ја поминав тука, баш во оваа спортска сала и знам каков дух носи оваа спортска сала. Сметам дека со оваа голема поддршка на Агенцијата за млади и спорт, ќе го вратиме духот и ќе дадеме можност на сите млади и идни генерации, овде на овој прекрасен спортски центар да можат своето слободно време и спортските активности и својата спортска иднина да ја основаат баш овде “ вели градоначалникот Делков.
Во склоп на СРЦ „Младост“ ќе се гради и детски базен, со што ќе се заокружи како катче за спортување, одмор и релаксација на неготинци.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт истакна дека реконструкцијата на салата, после долги години запуштеност, станува реалност во согласност со политиките на Агенцијата за создавање места кои ќе бидат собиралишта за младите од неготинска општина и каде што тие, но и идните генерации, ќе имаат пристојно место за спортување и водење на здрав живот.
„Верувам дека со овие два големи проекти кои што ќе ги реализираме во Неготино и те како ќе ја подобриме спортската инфраструктура, но ќе ги поттикнеме сите млади да спортуваат. Тоа е еден од нашите главни приоритети да го зголемите квантитетот на млади кои што ќе спротуваат и ќе бидат дел од спортскиот систем. Верувам дека оваа реконструкција на салата ќе заврши до март следната година“ рече Каевски.
Спортската сала „Младост“ неготинци во минатото ја изградија со средства од местен самопридонес.
Ангел Данов