Антикорупциската комисија најавува дека ќе оформи предмет за случајот со вработената во Управата за јавни приходи, извесна Софче, која телефонски ургираше да не се казнува едно скопско кафуле поради неиздавање фискални сметки.
На тој настан сведочеше екипа на „360 Степени“ следејќи ги теренските контроли на Управата за јавни приходи во неколку града во државава.
Во сторијата што ја емитувавме минатата недела најголемо внимание привлече токму сегментот во кој се слуша како вработената во УЈП се обидува да влијае на своите колеги-инспектори да не напишат казна.
Во УЈП ги прашавме дали има внатрешна постапка и ако има – во која фаза е.
„Во врска со репортажата објавена во Вашата емисија „360 Степени“, во која е забележан обид за ургенции од даночен обврзник наводно користејќи познанства, Ве известуваме дека надлежни служби на Управата за јавни приходи го испитуваат случајот и во зависност од утврдените неправилности ќе се преземат соодветни мерки.“
одговорија од УЈП.
Што ќе открие УЈП го интересира и Основното јавно обвинителство – Скопје. Првиот човек на ова обвинителство, Сашо Рајчев, вели дека од тоа зависи нивното идно постапување.
Поранешниот антикорупционер, Ариф Муса, е дециден дека случајот не смее да се занемари и треба да се истера до крај.
Повеќе погледнете во видеото:
(360 степени)