Во опасност ли е безвизниот режим за Албанија? – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/19 8:05 PM

Во опасност ли е безвизниот режим за Албанија?

Финското претседателство до министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ достави извештај во кој ги набројува проблемите што произлегуваат од визната либерализација.

Извештајот доаѓа откако неколку земји членки на ЕУ доставија поплаки за злоупотреби на слободниот визен режим од страна на граѓани на трети земји, се вели извештајот.

– Либерализацијата на визниот режим со Грузија, Албанија и Украина и нејзината злоупотреба се посебно загрижувачки за некои земји членки. Бројот на очигледно неоправданите барања азил се чини, во бројни случаи, дека се поднесуваат опортунистички откако е либерализиран визниот режим, се наведува во извештајот на финското претседателство.

Документот ги идентификува граѓаните од Грузија, Албанија и Украина како најпроблематични, „а во одредена мерка и граѓани од Молдавија, Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора и Ерменија се наоѓаат меѓу неоправданите барања за азил, некогаш во голем број, според податоците на земјите членки“.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, го посочи проблемот со барањата за азил од Албанија во Франција како една од причините за блокадата на почетокот на преговорите со оваа земја. Франција се соочува и со т.н. медицински туризам од Грузија, откако оваа земја беше ослободена од визниот режим. Албанија ја посочуваат и холандските власти како проблематична, посебно поради „врските со организираниот криминал“, прашање кое е покренато и во извештајот на финското претседателство.

Овој извештај е поднесен на 17 октомври, односно истиот ден кога се одржуваше Европскиот Совет каде беа блокирани преговорите со Северна Македонија и Албанија од страна на Франција, Холандија и Данска.

Земјите членки на ЕУ сега имаат задача да ги идентификуваат попрецизно злоупотребите на визниот режим и да ги зајакнат информативните кампањи во третите земји од каде што доаѓаат лажните азиланти.