Денеска објавеното 550.печатено издание на „Независен весник“ е веројатно последниот број на дневниот весник кој започна со работа во ноември 2017 година.
Последните два месеци, вработените секојдневно биле алармирани дека секој нареден број може да биде последен.
Управителот Никос Фрагопулос, во краток разговор со ИРЛ, рече дека се уште со сигурност не може да ја потврди информацијата, но наведе дека иднината на дневниот весник е неизвесна и прават напори да се спаси медиумот.
Вработените досега редовно ги добивале своите плати, а стравуваат дека нема да ја земат последната, октомвриската исплата за својот ангажман.
Се уште е неизвесно дали, доколку весникот дефинитивно денеска згасне, ќе продолжи со работа електронското издание на на „Независен“. Доколку згасне, 20 ангажирани медиумски работници во „Независен весник“, ќе останат без работа.
„Катастрофа“ е првата реакција на претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, кој потенцира дека ваквите информации се секогаш пораз за општеството и за новинарството.
„Секое згаснување на еден медиум е тажна вест за општесвото. Особено за медиум кој се придржуваше до стандардите. Весникот е се уште од оние традиционални медиуми кои наспроти онлајн медиумите, кои се повеќе бегаат од основниот принцип на новинарството, ги одржуваа професионалните стандарди. Годинава имаме два удара, прво затворањето на 1ТВ, а сега и „Независен весник“, што ќе се одрази на социо-економската положба на новинарите и се обезвреднува пазарот на трудот“, вели Чадиковски.
Тој потенцира дека Здружението на новинари во наредниот период ќе направи напори во рамките на своите ингеренции, со релевантни институции, да разговара за да се спаси весникот и да продолжи како и досега со работа.
Извори за ИРЛ велат дека наводно причината за неизвесноста се финансиите, односно неисплатени долгови кон печатницата „СЕРАФИМОВСКИ“, каде што се печати весникот.
„Независен“ започна со работа во ноември 2017 година, најпрво како бесплатен дневен весник, а потоа беше дистрибуиран во малопродажните објекти и трафики.
Весникот кој го издава „Индепендент Балкан Њус Агенси“ е со тираж од 7.000 примероци, а го уредува долгодоишната новинарка Слободанка Јовановска.
ирл.мк