Линеарна исплата на додатоците на плата – бараат Здружението на судската администрација и Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ). Обвинуваат дека Судскиот буџетски совет си носи одлуки во своја полза, па судските службеници се дискриминирани и додека додатокот на нивната плата изнесува седумстотини денари, на судиите достигнува и до шест илјади денари. Дел од вработените во судската служба сепак, воопшто не добиваат додаток.
Синдикатот и Здружението денеска побараа да биде образложен критериумот врз основа на кој додатоците на плата се разликуваат кај вработените кои го сочинуваат судскиот систем. Секретарот на УПОЗ, Трпе Дејановски вели дека и после неколкугодишното барање да присуствуваат на седниците на кои се носат ваквите одлуки, тоа не им е дозволено:
„Имаме неофицијални информации зошто се донеле вакви одлуки- пет проценти за судската администрација бидејќи државата за пет проценти ги зголеми платите во администрацијата, а судиите не добиле зголемување. Па од таа причина тие имаат додаток на плата од 10 проценти. Одлуката може да ја смени само Судскиот буџетски совет. Ние како Синдикат апелираме и бараме со години да присуствуваме на седниците кога се носат овие одлуки, но тоа не е одобрено. Ќе бараме законски измени. Ќе бараме да има претставник на Синдикатот во Судскиот совет и во Судскиот буџетски совет, а ќе бараме и измени во Законот за судска служба“.
Исплатата на додатоците веќе е почната, а судските службеници не знаат по кој критериум е донесена одлуката за како што велат, фаворизирање на една категорија вработени – вели претседателот на Здружението на судска администрација, Сашо Темелковски.
„Ваквата состојба предизвикува револт кај судските службеници. Во септември беше донесена одлука на име додаток на плата, но во двојно поголем износ за судиите во однос на службениците. Отсуствува критериум врз основа на кој една категорија вработени во судовите се одделуваат од останатите вработени. Врз основа на кој критериум таа една категорија вработени во судовите е привилигирана да добива додаток на плата со двојно повисок износ од судските службеници. Една институција која е дел од судскиот систем не смее да си дозволи ваква неправичност. Се обезвреднува работата на судската служба. Го повикуваме Судскиот буџетски совет да ја прекине практиката на двоење на вработените во судовите и секоја конкретна одлука да биде образложена“, додаде Темелковски.
Синдикалците инсистираат и да им се исплатат парите кои беа задржани за време на штрајкот во 2016-та година.
„Сакам да го потсетам Советот на одлуката од 11.07 2019 според која парите за време на штрајкот треба да се вратат на сите категории во судската служба. Сега се вратени поголем дел од парите на судските службеници, но не и на техничкиот персонал. Тоа се луѓе кои имаат минимална плата, а си ги извршуваа работните задачи за време на штрајкот. Оправданието дека тие не се судски службеници е неприфатливо и е спротивно на одлуката од јули“, изјави потпретседателката на УПОЗ, Верица Тасева.
Меѓу барањата кои беа испорачани на денешната прес конференција е и донесувањето на Правилник за судската полиција.
„Со Законот за судска служба од 2014 беше предвидено додатоците на плата за висок ризик на судската полиција да се реши со посебен Правилник кој ќе се донесе во рок од шест месеци откако Законот ќе стапи на сила. Поминаа шест години скоро, а тој Правилник не е донесен. Направени се обиди, кои Министерството за финансии не ги уважи“, појасни Дејановски.
Синдикатот и Здружението не ја исклучуваат можноста следната недела да излезат на штрајк, доколку не се исполнат нивните барања, а размислуваат и за бојкот на работата. Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација со цел поголеми додатоци на платите, протестираа и во 2015 и 2016 година, кога се пожалија на игнорантски однос од институциите.