Ноември дојде, хартиен билет за едно возење во скопскиот јавен превоз нема – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/19 2:15 PM

Ноември дојде, хартиен билет за едно возење во скопскиот јавен превоз нема

И покрај тоа што градските власти ветија дека од 1 ноември ќе стартува користењето на хартиениот билет за едно возење, на оваа поволност граѓаните ќе мора да почекаат уште малку. Реализацијата на тендерот за хартиените билети, заедно со новата мобилна апликација за јавниот превоз и дополнителните валидатори во автобусите, сѐ уште се во тек на реализација.

Од ЈСП – Скопје за „Мета.мк“ не можеа да кажат на кој датум ќе профункционираат новите поволности за користење на скопскиот јавен превоз. Постапката за реализација на договорот е во тек – е единственото објаснување што ни го дадоа од ЈСП.

„Македонски Телеком“ во јули годинава го доби тендерот вреден над 2,2 милиони евра, со кој треба да им се овозможи на граѓаните сами да ја надополнуваат картичката „Скопска“ и да имаат увид во нивната сметка. Воедно, со актуелниот тендер се набавуваат 300.000 електронски хартиени билети за едно возење, како и 400 нови валидатори за картичката „Скопска“ што ќе се постават во градските автобуси. „Телеком“ треба да изработи и мобилна апликација, која во реално време ќе го прикажува возниот ред на линиите од јавниот превоз.

Ставањето во функција на новите поволности за граѓаните веќе неколку пати годинава беше пролонгирано. Последното ветување од крајот на септември беше дека сѐ уште се одвива тест – периодот за реализација на тендерот, а по чие завршување веднаш би се пуштиле во оптек новите билети за едно возење и останатите поволности за патниците.

Преземено од: Мета.мк