Решавање на проблемот со станбеното обезбедување на припадниците на Армијата, воведување јазични знаења, стипендирање на млади луѓе како и приближување на платите на цивилните со воените лица, ова се дел од измените кои ги предвидува Законот за служба во Армијата.
Како што посочи министерската за обрана, Радмила Шекеринска на брифинг со новинарите овој закон веќе е одобрен од страна на Владата, и денеска влегува во Собраниска процедура.
Законот за служба во Армијата предвидува и стипендирање на млади луѓе со цел д аги создаде дефицитарните кадри, со што младите би имале поддршка во студирањето а Армијата ќе може да се потпре на нивното знаење и да гради кадар кој што е неопходен за една НАТО Армија.
„Овој закон го решава проблемот со станбено обезбедување на Армијата и со овие месечни надоместоци од 7000 денари, со кој ќе бидат покриени околу 6000 припадници на Армијата, едно крупно прашање оставаме зад нас. Законот исто така предвидува многу попрофесионално и попредвидливо водење во кариерата. Припадниците на Армијата долго време имале впечаток дека напредувањето, школувањето, шансите кои што ги добивале во Армијата премногу зависеле од лични релации, од партиите или политиката. Тоа мора исто така да го оставиме зад нас. Затоа и во законот предвидуваме процесот на водење кариера да зависи од личните квалитети, личниот придонес, трудот и знаењето. За прв пат ги воведуваме и јазичните знаења како еден дел од условите, особено за повисоките офицерски чинови“, изјави Шекеринска.
Разликата во однос платите на воениот и цивилниот персонал во армиските редови, исто така влегува во оваа законска рамка, чија бројка изнесува не повеќе од 400 лица, а чие покачување е предвидено од 9 до 12 отсто.
„Во армиските редови се случуваше, лекар кој што е цивил да има речиси иста плата како воено лице кое работи во воено медицинскиот центар. Тоа го решаваме што на сите цивилни лица во Армијата, најголем дел од нив се со високо образование но има и со средно образование, им ги приближуваме платите за да бидат поблиски и да дојдат до износите кои што ги примаат и воените лица, се разбира без оние додатоци кои се специфични за воените лица“, појасни министерката.
Законот за служба предвидува и можности за пензионирање, со 55 возраст и 40 години работен стаж во кој влегува и бенефицираниот.
„Предвидуваме припадниците на Армијата, да заминат практично порано во пензија, но притоа да добиваат 80% од 10 –те најдобри години. Систем кој функционираше долги години само во полицијата, но беше недостапен за припадниците на Армијата“, изјави Шекеринска, на брифингот со новинарите.
За прв пат оваа законска рамка која се однесува на сите припадници на нашата Армија ќе подразбира одржливо, функционално и позитивно решение што ќе значи не само сигурна работа, туку и работа која ја покажува почитта на државата кон сите припадници на Армијата, истакна министерката Шекеринска.