Министерот Сугарески гостин во „Стадион“: Со самото тоа што сум дел од Владата, апсолутно му верувам на Заев – ММС
ММС

Објавено на: 11/2/19 2:04 PM

Министерот Сугарески гостин во „Стадион“: Со самото тоа што сум дел од Владата, апсолутно му верувам на Заев

Има критики, ама реализацијата на капиталните проекти во мојот ресор е одлична и досега е 63 отсто, а до крајот на годината тој процент значително ќе се зголеми, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој беше гостин во денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“.

Освен водителот на емисијата, Столе Наумов, на министерот телефонски му поставуваа прашања и многу слушатели. Едно од нив беше и дали му верува на премиерот Зоран Заев?

– Со самото тоа што сум член на македонската Влада, апсолутно му верувам. Апсолутно сме и влада што на сите полиња направи повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ за 11,5 години. За целиот тој период, на пример, тие реконструираа 650 километри патишта, а СДСМ за една година и четири месеци – 500 километри. Пругата Битола – Кременица ја направивме за една година, фали уште оптички кабел за да биде пуштена, а за Куманово – Бељаковце направивме 40 отсто повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ за четири години – истакна Сугарески.

Имаше и прашање кога, конечно, СДСМ ќе реализира свој проект, не само да работи на тие што ги почнало ВМРО-ДПМНЕ, а телефонски во емисијата се вклучи и Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ, претседателка на собраниската Комисија за транспорт и врски, која за Сугарески рече дека додека бил во Собранието, бил репер за пратеник од опозицијата, а сега било поинаку.

– Ако се гради, се гледа, ако не се гради, пак се гледа. Затоа, нека се фатат за работа. Тоа што било направено во минатото треба да се признае и, каде што треба, да се продолжи. Да има континутитет во целата работа – рече Затуроска.

Сугарески, пак, додаде дека, иако претходната власт се фалела со многу завршени или речиси завршени проекти, многу работи оставиле на почеток или средина, а рече дека еден од примерите за тоа бил автопатот Миладиновци – Штип, кој го оставиле 50 отсто недовршен, со столбови среде автопат.

Имаше прашања и за тоа до кога од возачите ќе се наплатува патарина на патишта кои не се автопати, односно немаат три ленти во еден правец, како Скопје – Велес и Тетово – Гостивар, зошто и кон Бугарија не се предвидува автопат, кога ќе заврши изградбата на автопатот Скопје – Блаце?

– Кон Бугарија се работи на експресни патишта до Деве Баир. Треба сериозно да се разгледа можноста тоа да биде и автопатско поврзување во иднина. Патот Скопје – Блаце е краток и ќе биде направен, тој е еден од врвните приоритети на Владата – истакна Сугарески.

На крајот, тој зборуваше и за евентуалната промена на датумот за избори што вчера како можност го најави премиерот Заев.

– Никој не бега од избори. Заев на заедничката средба на партиите дури предложи и брзи избори на 22 или на 29 декември, но договор падна за 12 април. Сепак, сега треба да се ратификува Протололот за НАТО во Холандија и во Франција. Ќе остане само Шпанија. Таму избори ќе има на 10 ноември, па треба да се формира влада, а потоа да следува ратификацијата во парламентот. Да не дојдеме во ситуација кога сите 29 земји-членки на НАТО ќе го ратификуваат, ние да не можеме ако во тој момент бидеме без парламент – рече Горан Сугарески.