Прв ден на Моден Викенд Скопје: Дрег кралици и екстравагантни гејши ја отворија дваесеттата сезона (Галерија) – ММС
ММС

Објавено на: 11/2/19 9:59 AM

Прв ден на Моден Викенд Скопје: Дрег кралици и екстравагантни гејши ја отворија дваесеттата сезона (Галерија)

Во присуство на бројни посетители од земјата и странство, минатата вечер официјално беше означен почетокот на Моден викенд Скопје, кој се одржува од први до трети ноември во Музејот на град Скопје.

Моден Викенд Скопје почна со претставување на новата зимска колеција „REM“ на Ирина Тошева, преку која таа ги истражува ликовното творештво и надреализмот како појдовна инспирација. Според неа, потпирањето на секвенци од соништата и потсвесните мисли, резултира со најчиста форма на мода, како „противотров“ на светот околу нас. Креациите се изработени со еколошки материјали од банана и пченка, кои се алтернатива на памукот.

Како втора следуваше Кренаре Ругова, гостинката од Косово, чијашто модна визија за есен-зима ‘19/’20 е нослива гардероба од природен текстил и со унифицирани геометриски форми, нудејќи им отмена и рафинирана силуета на сите модерни жени. Дава чувство на сила и комфор, независно од животното темпо. Истовремено, ги одразува потребите на личноста во актуелното социјално окружување.

Првата вечер од Модниот викенд беше заокружена со модниот филм и перформансот „+7 HOURS“, во реализација на наградуваната платформа за концептуален дизајн ИВАН АСЕН 22 од Софија, под водство на кураторот Нели Митева. Во прашање е проект што има за цел да ги вкрсти бугарската и јапонската култура низ јазикот на визуелното. Финалниот резултат се екстравагантни креации, заеднички создадени од девет модни дизајнери од Бугарија, како и четири студенти по моден дизајн од Јапонија. Седум часа всушност е времето кое ги „дели“ како разлика овие две земји. Главната улога во истоимениот филм што го придружува перформансот ја толкува актерката Ирмена Чичикова. Го истражува феноменот за современиот урбан живот, пресликан во футуристички варијанти на традиционалните кимона и носии.

Освен  модата и дизајнот, посетителите во Музејот на град Скопје, подеднакво уживаа и во музичката програма. Пред и после секоја одржана ревија, можеше да се слушнат изведбите на Јон Бела и бендот Moonage. Петочната забава по нивното завршување продолжи со звуците на познатиот ди-џеј Flooder.

 

Автор на фотографии: AD Photography