Џолев: Четири високопрофилни предмети почнаа од почеток, вината не е кај судиите – ММС
ММС

Објавено на: 11/1/19 3:19 PM

Џолев: Четири високопрофилни предмети почнаа од почеток, вината не е кај судиите

Во Кривичниот суд во моментов има 24 високопрофилни предмети, во рок од две години од почетокот на 2018 до ноември 2019 година завршени се десет, а започнувањето на предмети од почеток се случило кај четири случаи.

Ова денеска го истакна претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, кој пред новинарите сакаше да ги појасни, како што рече, низата забелешки што изминатиот период биле искажани на сметка на Кривичен од страна на дел од медумите. невладини организации, експерти и политичари во врска со високопрофилни предмети кои се судат во Судот, а во кои се обвинети повеќе функционери, политичари, јавни личности, бизнисмени.

Нагласи дека започнувањето на предметите од почеток се случило кај четири предмети, кај еден од нив поради промена на еден од судските поротници, а во трите случаи поради тоа што во рок од 90 дена не бил одржан претрес. Промена на судски поротник имало во случајот Тортура, а претрес во рок од 90 дена немало во Трезор, Насилство во Општина центар и Тендер.

-Не може да се занемари дека овие 90 дена се случија во време кога постоеше судската ферија, што трае од 15 јули до 15 август. Поради природата на работењето на Кривичниот суд и во тој период имаме итни судења, притворски предмети, во таа смисла работењето на  Судот се организира така што дел од судиите одморите ги користат во јули, дел во август. Ако се земе предвид дека можеби во тие два месеци, во тие 60 дена не може да се одржи судење остануваат да се објаснат уште тие 30 дена, како не случило некое судење и предметот почнал од почеток, нагласи Џолев.

Судиите, додаде, Џолев имале закажано рочишта, но тие не се одржале не по вина на судиите, ниту на судовите. Присутни биле и обвинителите, обвинетите, нивните бранители, но предметите се одложиле поради тоа што, како што посочи Џолев, во тоа време тогашните специјални обвинители лично барале да се одложат, бидејќи не знаеле какви овластувања имаат во однос на застапувањето на предметот.

Додаде дека во тој период поранешната главна специјална обвинителка Катица Јанева веќе била во притвор, а се водеа и преговори за постигнување решение за Законот за јавно обвинителство.

-Со одложувањето најмногу загубија обвинетите, но загуби и обвинителството, судот, генерално македонскиот правосуден систем. На кого му одговараше ова и зошто не се најде политичка волја да се најде замена за Катица Јанева и да се донесат законите навистина не знам кој имаше таква корист, но губитници сме сите, појасни Џолев.