Митко Јанчев за „Фокус” го појаснува своето присуство на вчерашната трибина на СДСМ – ММС
ММС

Објавено на: 10/31/19 1:19 PM

Митко Јанчев за „Фокус” го појаснува своето присуство на вчерашната трибина на СДСМ

Вчера во Кавадарци во Домот на културата „Иван Мазов – Климе” на трибината на владејачката СДСМ насловена „На прав пат” присуствуваше и градоначалникот Митко Јанчев.
Тој ја следеше од првиот ред трибината на која се обратија потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски, членот на ЦО на СДСМ, Трајан Димковски и заменик премиер за економски прашања Кочо Анѓушев, а неговото присуство наиде на многубројни реакции во јавноста.
Во разговор за „Фокус” градоначалникот открива дека утринава не престанале да ѕвонат неговите телефони, а новинари од сите редакции барале одговор од него, која била причината поради која што се појавил на трибината на СДСМ и дали тоа значи дека тој преминува во партијата на власт.
-Очигледно е дека моето присуство на трибината на СДСМ предизвика голем интерес во јавноста, иако јас лично не гледам причина некому да му биде чудно како тоа еден градоначалник на општина присуствува на јавен настан, каде што се изнесуваат информации кои се од важност за градот и на кој што бев уредно поканет. Значи, да појаснам, моето присуство на трибината не беше како на некој од ВМРО, СДСМ, ДУИ или било која партија, туку исклучително како градоначалник на општината и истото го сметам како должност, нешто кое и другите градоначалници треба да го практикуваат, со цел да се работи на доброто на градот и граѓаните. Градоначалник е јавна функција, треба овде да се разграничат некои работи, да не се мешаат партиите во секој сегмент, бидејќи јас сепак сум градоначалник на сите жители на мојата општина, без оглед на нивната партиска припадност – вели Јанчев.
Појаснува дека вчера на трибината се расправало за три важни точки во врска со напредокот на Кавадарци и задоволен е што Владата прифатила проекти кои се од голема важност за општината.
-Вчера на трибината беше соопштено дека ќе се гради обиколница околу целиот град, што е од голема важност за сите нас, тоа е стратешки проект за Кавадарци. Ќе се тргнат тешките теретни возила од градот, тоа е голем бенефит за сите. Одобрен е проектот за граничниот премин Пуљевац, што ќе има големо влијание врз локалниот економски развој. Околу гасификацијата, ќе треба да се почека, за што ете, јас лично би упатил критика. И би порачал дека мое како градоначалник е да барам проекти за доброто на нашиот град, без оглед на тоа кој ја води нашата Влада. Недозволиво е да се дискутираат теми од голема важност за функционирањето на градот, а градоначалниците поради партиски причини да не ги следат истите – тврди Јанчев.
Потсетува дека и премиерот Зоран Заев, во времето кога беше на чело на Општина Струмица следел трибини организирани од ВМРО ДПМНЕ, бидејќи според него, тоа е морална одговорност на секој градоначалник.
-Од страна на Владата јас добив официјална покана за настанот. Секогаш, на сите настани на кои сум поканет, се чувствувам обврзан да присуствувам, или пак ако не сум во можност, аргументирано појаснувам зошто не би можел да се појавам на некој настан. Тоа е моја должност и како човек, но секако и како градоначалник. Денес, дури и кога се добива покана за свадба, пишува да се потврди присуството, и тоа е нешто сосема разбирливо во нормалниот свет – вели градоначалникот.
Околу гласините дека преминува во СДСМ, категорично ги отфрла сите шпекулации и пишувања во медиумите на темава и тврди дека за такво нешто не постојат шанси. -Јас останувам со мојата партија ВМРО ДПМНЕ. Не постојат никакви шанси да преминам во СДСМ, попрво би излегол од партијата и би ставил точка на се. Пред нас е изборен период, очекувам мојата партија да излезе со добри луѓе, со добри програми, да се работи за доброто на сите. Да нема поделби, етикетирања, туку да се оди напред. Кога квалитетни кадри се на виталните функции, тоа ни оди во прилог на сите, без оглед на партиската припадност. На сите градоначалници им порачувам да имаат максимална соработка и да не прават партиски поделби, туку заедно да се грижат за унапредување на своите општини. Да се има отворен пристап, бидејќи на сите ни е должност да донесеме поквалитетен живот во нашите општини, затоа и сме избрани од народот – порача Јанчев.
Исто така, им ја препорача книгата „7 навики на успешните луѓе” од авторот Стивен Кови на сите функционери, за која вели дека е еден вид на програма за развивање на свеста од која може да се научи многу, и да им отвори многу начини за решавање на проблемите.
-Да, покрај сите активности и обврски имам време и да читам, посебно кога станува збор за дела кои се прогласени за едни од највлијателните во светот.
„7 навики на успешните луѓе” е токму четиво кое им го препорачувам на државните функционери, верувам дека по читањето ќе им се прошири начинот на размислување на многумина- изјави градоначалникот.
фокус.мк