Неколку документи и мислења биле пресудни за специјалецот Игор Спасов, осуден за убиство на Мартин Нешковски, сега баран по меѓународна потерница, да добие условен оптпуст од Основниот суд во Штип.
Судот попладнево во соопштение соопшти дека отпустот е по претходно прибавено мислење од страна на ОЈО, како и врз основа на соодветна медицинска документација во оригинал издадена од стручни медицински лица. Исто така и врз основа на искази на вешти лица од областа на медицината и известување од установата каде осудениот издржувал казна затвор дека таков вид на лекување и медицински третман не се пружа во таа установа.Ова е одговорот на зачестените прашања на јавноста, откако Спасов не се врати во затворот „Идризово“, каде издржува казна од 14 години. При тоа, штипскиот суд, каде се водел условниот отпуст на Спасов ги објаснува текот и постапката што била преземена, откако медиумите алармираа дека Спасов не се јавил во затворот по тримесечниот условен отпуст.
Сепак, непотврдени се информациите дека медицинската документација е со потпис на специјалист – вештак во судот, колега на баџанакот на Спасов. Специјалецот од затвор излегол со документација за операција на кила, што требало да се изврши во Клиничката болница во Штип. Спасов ја избегнал операцијата и наместо тоа го потдготвувал своето бегство од државата. Игор Спасов, според непотврдени информации, повеќе од две – три седмици е избеган надвор од државата. Од државата излегол по диви премини, во што имал помош од поранешните колеги – полицајци. Спасов, наводно е во Туција со лажен идентитет, за што платил 15.000 евра.
Со медицинска документација, со која се потврдуваат неколку различни болести кај затвореникот, Спасов успеал да помине цели 14 месеци дома. Неколку пати му е даван условен отпуст, по што редовно се враќал во затворот „Идризово“, се’ до неодамна.
Оснвниот суд во соопштението денеска ги објаснува текот и постапката на распишувањето потерница, што исто така беше проблематизирано во јавноста, но не објаснува како се случило Спасов да не биде проверен.
-На 24.10.2019 година, по редовен пат, по пошта, е примено писмено известување од КПД Идризово, датирано од 21.10.2019 година, со кое се известува судот дека осудениот Игор Спасов не се јавил на доиздржување на казната затвор во таа установа, а на кое нешто бил обврзан согласно решението на ОС Штип ПК-6/19 од 31.07.2019 година. Од страна на судот, по приемот на известувањето, истото е обработено и е постапено веднаш, во законски предвидениот рок, и на 25.10.2019 година во претпладневните часови до МВР СВР Штип е доставена Наредба за спроведување на осудениот Игор Спасов на доиздржување на казната затвор во КПД Идризово, со назнака „Итно!“. Во ОС Штип од страна на СВР Штип на ден 28.10.2019 година е доставено известување дека осудениот не е достапен на органите на прогонот, по што веднаш, истиот ден, од страна на судијата за извршување на санкции на ОС Штип е доставена согласност за издавање на потерница до СВР Штип, која се однесува за распишување на потерница по осудениот на територијата на Република Северна Македонија, стои во соопштението од Основниот суд – Штип.
Понатаму од Судот објаснуваат дека постапувајќи по потерницата, СВР Штип на 29.10.2019 година го извести судот дека располагаат со потврдени информации дека осудениот Игор Спасов не се наоѓа на територијата на РСМ, па бараат Изјава, со која судот изјавува дека во случај на пронаоѓање на лицето ќе побара негова екстрадиција, со цел распишување на меѓународна потерница по осудениот. ОС Штип веднаш, истиот ден, до СВР Штип ја доставил бараната изјава, по што е распишана и меѓународна потерница.