Директорот на Македонската радио телевизија, Марјан Цветковски, нема да биде кривично гонет за злоупотреба на службената положба, дознава ИРЛ. Обвинителството за борба со организиран криминал и корупција ја отфрли кривичната пријава од Управата за финансиска полиција со образложение дека Цветковски не сторил кривично дело и работел законски. Кривичната пријава Финансиската полиција ја поднесе на 21 јуни, а решението за отфрлање како неоснована е донесено на 9 август.
Директорот Арафат Муареми тогаш на прес конференција информираше дека директорот на националниот сервис МРТВ, Марјан Цветковски, е осомничен дека го заложил целокупниот имот на претпријатието за да подигне кредит од Комерцијална банка. Одлуката ја донел без да го консултира со Собранието кое е основач и сопственик на јавниот сервис. Истрагата на Финансиската полиција утврдила дека заложениот имот е двојно поголем од кредитот, а дел од парите 500.000 евра, МРТВ веднаш ги уплатила на банката која го откупила нејзиниот долг кон БЕГ. Кривична пријава беше поднесена и против нотарот кој го заверил договорот за кредит.
Образложението на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска е дека по спроведената предистражна постапка не утврдиле дека Цветковски му нанел штета на државниот буџет.
„Од прибавениот доказен материјал, надлежниот јавен обвинител утврди дека во секое од преземените дејствија од страна на првопријавениот постои законска оправданост, со што се оправдуваат и постапувањата на второпријавеното лице. При увидот во Изводите за промените и состојбата на банковна сметка, барањата за исплата на првопријавеното лице и аналитичките картички на јавното дифузно претпријатие, како и Известувањето на банката од која е одобрен и подигнат кредитот, јасно се гледа дека кредитот е предвремено целосно исплатен од страна на јавното радиодифузно претпријатие и согласно донесените одлуки и склучениот Договор за долгорочен кредит е наменски искористен. По целосната исплата банката издала Изјава за бришење на заложното право“, ни одговорија од Јавното обвинителство.
Од финансиската полиција за ИРЛ велат дека со самото тоа што Цветковски подигнал кредит без да го информира и добие дозвола од Собранието сторил кривично дело. Се повикуваат на Законот за јавни претпријатија каде пишува дека „Основачот на јавното претпријатие дава согласност за задолжување“. Оттаму појаснуваат и дека рокот за враќање на кредитот бил 2021 година, а симптоматично е што МРТВ го вратила целосно веднаш по поднесувањето на кривичната пријава. И затоа обвинителството не утврдило штета на државниот буџет, иако со самото заложување на целиот имот на МРТВ директорот Цветковски го довел во прашање функционирањето на јавниот сервис, велат од Финансиската полиција.
Директорот на МРТВ Марјан Цветковски не беше информиран дека кривичната пријава против него е отфрлена. Тој за ИРЛ изјави дека одлука за враќање на кредитот била донесена уште во февруари годинава, со план целиот да се исплати во јуни и не било поврзано со кривичната пријава. Вели дека немал обврска да го информира Собранието, бидејќи Надзорниот одбор е органот кој одлучувал дали МРТВ ќе земе заем или кредит. Потврди дека кредитот бил наменски со цел да се вратат долгови на националниот сервис.
„Во моментов МРТВ е во најдобра финансиска кондиција од било кога. Немаме никакви долгови кон надворешни партнери, освен стари долгови кон државни институции кои се таложеле со децении“, изјави Цветковски.
Марјан Цветковски е директор на националниот сервис од 2012 година. Последен пат беше реизбран во март минатата година со мандат од три години.
Цветковски го избра Програмскиот совет на МРТВ кој е во ист состав уште од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Во него членови се: Смилка Јанеска Саркањац, Снежана Клинчарова, Ведат Мемедали, Јагнула Куновска, Косана Николиќ – Мазнева, Гајур Рамадани, Илир Рамадани, Ристе Панов, Ивана Трајковска, Селпин Керим и Златко Јанковски.
Членовите на Програмскиот совет на МРТВ ги именува и разрешува Собранието. Но, нивниот избор е заглавен веќе две години заедно со избор на директори и членови во уште неколку институции како Државниот завод за ревизија, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации, Комисијата за заштита од дискриминација.
Цветковски заедно со ексгаздите на провмровскиот портал „Курир“ Ацо Мисајловски и Саше Стојановски, експремиерот Никола Груевски и ексгенералниот секретар на Владата Кирил Божиновски е осомничен во предметот „Пропаганда“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство.
Предмет на истрага беше влијанието врз јавното мислење и обезбедувањето контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на буџетот на државата, а во насока на поддршка на делувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. За оваа цел во периодот од 2010 до 2015 година од Буџетот на РМ биле исплатени 30 милиони евра, од кои најголем процент завршиле кај радиодифузерите кои што ја поддржувале политиката и активностите на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, и овој предмет остана само во фаза на истрага.
(ИРЛ)