Како да се дејствува во случај на елементарна непогода, практично учениците од кавадаречките основни училишта учат преку показни вежби. Првата за оваа учебна година се одржа во ООУ „Гоце Делчев“. Службите за брза интервенција на општина Кавадарци покажаа подготвеност за брзо дејствување во случај на пожар во училиштето. И учениците покажаа подготвеност, без паника да го напуштат училиштето во случај на таква непогода, но и да пружат прва помош на свои повредени другари.
„Целта на оваа наша денешна активност мислам дека успешно беше постигната и секако беше насочена кон совладување на постапката на учениците и вработените во случај на елементарна непогода“ вели директорката на училиштето, Весна Ангеловска.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, смета дека ваквите вежби се неопходни за успешно дејствување на сите повикани во случај на непогоди.
„Во овие две години имаме спроведено повеќе вакви вежби каде што во минатото не биле практикувани. Сега имаме доволно и кадар и опрема за да ги спроведуваме. Показните вежби даваат резултат секаде каде што има колективно собирање да можеме безбедно при пожар или било каква непогода да ги извлечеме сите присутни, еве во овој случај при пожар“ вели Јанчев.
Командирот на кавадаречката против пожарна единица, Александар Чадамов е задоволен од успешно спроведената вежба и нагласува дека најважно е при непогода сите да бидат присебни и да нема паника.
„ Наставниците се должни да им објаснат дека не треба да има паника, најважниот сегмент во ваквов настан. Против пожарната заштита е само дополнителна сегмент на заштита на објектите. Учениците беа многу добро обучени тоа е многу важно. Училиштето има место за евакуирање при вакви настани, кое е согласно законот. Ова ќе го повторуваме во текот на годината, но ќе се менуваат сценаријата за непогоди.
Во акцијата свој придонес дадоа и припадниците на полицијата. Местото каде се изведуваше сценариото за пожар во училиште беше обезбедено од нивна страна.
„Полицијата е задолжена околу приодите до објектите да ги обезбеди навреме да стигнат против пожарните возила и возилата на брзата помош. Овие вежби се службите побрзо и по ефикасно да излегуваат на терен и да си знае секој што му е работа“ вели командирот на кавадаречката полициска станица, Сашко Димовски.
Ова е втора година откако започнаа да се реализираат вакви показни вежби, а надлежните велат, целта е да се биде подготвен за „недај боже“.
Ангел Данов