Одличен рецепт за динстани копани со компири и моркови, во сос од кечап и сенф. Пилешкото месо приготвено на овој начин е многу сочно, а притоа нема потреба да се пржи. Ако барате здрав рецепт за главно јадење ви предлагаме да ги пробате динстаните копани со компири и моркови.
Состојки:
- 4 батаци со карабатак
- 2 моркови
- 5 компири
- 1 лажица сечкан магдонос
- 2 чешниња ситно сечкан лук
- 2 лажички кечап
- по потреба маслиново масло, мешан сув зачин, црн пипер
- 8 лажички сенф за премачкување на батаците
Подготовка:
- Батаците измијте ги и ставете ги во поголема тава. Секој батак премачкајте го со 2 лажички сенф, маслиново масло и зачинете ги со мешан сув зачин и црн пипер.
- Во тавата покрај батаците ставете ги компирите исечени на поголеми парчиња. И компирите премачкајте ги со сенф, посипете ги со малку масло и зачинете ги со мешан сув зачин и црн пипер. Морковите исечете ги на поголеми кругови и додајте ги во тавата. Налејте топла вода, додајте го сечканото лукче, поклопете со капак и ставете ја тавата на оган.
- Повремено превртувајте ги копаните и налевајте топла вода. Пред крај на динстањето кога копаните ке омекнат додајте го сецканиот магдонос и кечапот. Со лажица промешајте го кечапот со водата во тавата и исклучете го шпоретот. Оставете ја тавата да постои на топлата рингла 5 минути, а потоа послужете.
Преземено од: sezahrana.mk