Јавна расправа: Потребно е уште да се работи за сеопфатна заштита од семејно насилство – ММС
ММС

Објавено на: 10/29/19 2:11 PM

Јавна расправа: Потребно е уште да се работи за сеопфатна заштита од семејно насилство

Иако се направени значајни и позитивни поместувања во однос на заштитата на жените жртви на семејно насилство, Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, се уште ја нема постигнато целта, а тоа е да обезбеди сеопфатна заштита, пристапни и достапни сервиси за жените, без разлика дали живеат во урбани или рурални средини и не обезбеди информираност на жените за правата што ги имаат и за институциите кои се клучни во обезбедување на заштитата, констатира Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

Според Елена Димушевска од Националната мрежа, главен недостаток на институциите е што генерално немаат организиран начин на следење на имплементацијата на одредбите од законот, поради што, како што рече, не може да се утврди дали е направена клучна системска промена, иако во секоја институција одделно има одредени поместувања од поранешните состојби.

– Жените не се чувствуваат сигурни, немаат доверба во институциите, а начелото на интност во постапувањето на институциите генерално не се почитува. Тоа доведува до потешки форми на насилство и затоа најголемиот број пријавени случаи се физичко насилство, рече таа на јавната расправа што ја организираше собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

Димушевска забележа и на недостигот на т.н. шелтер центри за поддршка на овие жени, но и социјални услуги кои ќе им помогнат да се справат со последиците од насилството, како и тоа што со новиот Закон за социјална заштита не се препознаваат жените жртви на насилство како посебна ранлива категорија и не се предвидуваат средства за нивно економско јакнење.

Претставници на министерствата за труд и социјална политика и за внатрешни работи, пак, велат дека има простор за натамошно унапредување на состојбите во оваа сфера, но потенцираат дека се направени големи поместувања и оти постојано се работи на имплементирање на сите законски одредби.

Софија Спасовска од МТСП вели дека се дефинирани точно сите надлежности на институциите кои треба да постапуваат, оти се зајакнува итноста на постапката за отстранување на насилникот на барање на полицијата упатено до Судот, како и дека се спроведуваат обуки на вработните во институциите да препознаат, превенцираат и заштитат од семејно насилство.

Според неа, дополнителен напредок е направен и со новиот Закон за социјална заштита, кој, како што рече, овозможува и граѓанските организации да се даватали на услуги, што ќе овозможи подобри социјални сервиси и за жените жртви на насилство на локално ново.

И претставничката од МВР, Розалита Дојчиновска, смета дека се направени подобрувања во системот на превенција и заштита на жртви од семејно насилство. Нашите вработени, рече таа, се обучени и подготвени да им помогнат на жртвите без дискриминација и со почитување на нивното достоинство. Исто така, според неа,, од голема помош е и можноста за изрекување интервентна мерка за отстранување на насилникот.

Резидентниот координатор на ОН во  Македонија, Росана Дуџак, во текот на расправата истакна дека постојано треба да се работи на имплементација на сите законски одредби за да се спречи насилството, иако, како што рече, многу работи веќе се прават или се направени. Бројките со кои таа располага, како што рече, покажуваат дека една од три жени во земјава е жртва на семејно насилство, најчесто од мажите кои ги сакаат или со кои живеат.