Немаме друга алтернатива освен ЕУ – порачаа Пендаровски и Мета од Тирана – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/19 4:33 PM

Немаме друга алтернатива освен ЕУ – порачаа Пендаровски и Мета од Тирана

Северна Македонија и Албанија немаат алтернатива за членството во Европска Унија, а безбедноста на Западен Балкан значи и безбедност на Европа. Ова го порачаа претседателите на двете земји Стево Пендаровски и Илир Мета на прес-конферецијата по денешната средба во Тирана.

„На средбата го информирав мојот колега, претседателот Мета, за неодамна одржаната лидерска средба кај нас, на која утврдивме државен конзензус да се продолжи со европскиот пат, но и да се организираат предвремени парламентарни избори. Со албанскиот претседател се согласивме дека наша обврска како шефови на држави е да продолжиме да ги охрабруваме сите политички фактори во нашите држави да продолжат со спроведување на обвврските од европската агенда во интерес на нашите граѓани, како и да продолжиме да ги убедуваме европските лидери дека преговорите со земјите во регионот се вллог во стабилноста и просперитетот“, изјави Пендаровски.

Мета посочи дека Северна Македонија има поддршка од Албанија на нејзиниот пат кон НАТО.

Пендаровски наведе дека денешната средба со Мета се одвива во вонредни услови откако пред една недела двете земји не ги почнаа пореговорите со ЕУ. Тој потенцира дека и покрај тоа „единствен пат е членството во ЕУ, а секоја друга идеја е неприфатлива“ и поради тоа „треба да бидеме поуверливи во нашите реформи и трансформации“.

Македонскиот претседател на средбата со Мета предложи земјите од Западен Балкан да одржат Самит на кој ќе се дискутира за проширувањето, добрососедските односи, и при тоа да се отфрлат идеите за алтернативи за евроинтеграцијата. Пендаровски предложи и иницијатива за формирање на неформална група за македонско-албанско  пријателство, која покрај зајакнување на врските помеѓу политичарите и бизнисмените, ќе биде фокусирана на младите.

На средбата тие размениле  и информации за положбата на македонската заедница во Албанија и на албанската во Северна Македонија кои се фактори на зближување и збогатување на соработката.