Солза Грчева и Африм Гаши гости во „Стадион“: Султан-партиите не сакаат ни да слушнат за помалите партии – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/19 1:04 PM

Солза Грчева и Африм Гаши гости во „Стадион“: Султан-партиите не сакаат ни да слушнат за помалите партии

Грчева: Поинаков изборен модел ќе им го наруши нивното речиси 30-годишно неконтролирано владеење полно со корупција, непотизам, партизација на се’… Гаши: ДУИ ни’ се случува од 2002 година и крајно време е да замине во опозиција. Станаа како диво месо и за себе и за државата

Султан-партиите не сакаат да си го нарушат комодитетот и неконтролираното владеење, па не сакаат да се откажат од сегашниот изборен модел и покрај многуте инцијативи Македонија да биде една изборна единица, за што има уште време и до изборите во април, но, се чини, „големите“ ќе направат опструкција. Ваква е оцената на лидерите на Глас за Македонија и на Алтернатива, Солза Грчева и Африм Гаши, кои денеска беа гости во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“.

– Зошто султан-партиите не сакаат една изборна единица? Тие комплетно го заробија просторот преку Изборниот законик, па, за жал, ни’ остануваат повеќе од 100.000 луѓе непретставени иако гласаат. Ги плашат луѓето дека со една изборна единица ќе се нарушел етничкиот баланс. Напротив, ќе биде пресликан од теренот во парламентот. Трета работа, онаа од која најмногу се плашат – тие нема да ја загубат водечката позиција. Би загубиле по едно, две, можеби и три места во изборна единица. Но, нашите султан-партии и тоа не го сакаат зашто можеби ќе им го наруши нивното речиси 30-годишно неконтролирано владеење полно со корупција, непотизам, партизација на институциите… – истакна Грчева.

И Африм Гаши рече дека, иако и тој модел има слабости, се залагаат за една изборна единица со отворени листи.

– Во однос на коалицирањето, имаме раговарно со неколку партии. Особено со Алијансата, со која веројатно сме блиску до коалицирање, а то би била победничка коалиција. Во македонскиот блок партии, никој не бил повеќе на власт од десет години. Нам ДУИ ни’ се случува од 2002 година. Крајно време е да заминат во опозиција. Станаа како диво месо и за себе и за државата. Со нив никако нема да коалицираме, а ни со Беса. Тоа не е партија, им останаа само печатите – смета Гаши.

Тој зборуваше и за Законот за јазици и ставот на Венцијанската комисија во врска со него. Истакна дека за него, сепак, гласале зашто мислеле дека можеби нешто ќе подобри.

– Но, уште на почетокот бевме против. Јас и во Собранието кажав дека тоа е нефункционален закон. И Венецијанската комисија го кажа тоа. Законот мора да биде јасен, концизен, спроведлив – истакна Гаши.

И Солза Грчева рече дека голем дел од забелешките што биле кажани ги потврдува и Венецијанската комисија, а кратко се здржа и на промената на името и уставните измени.

– Кабаетот за тоа колку што го ставаме на сметка на СДСМ толку и на ВМРО-ДПМНЕ. Испорачаа толку гласови колку што требаше – од девет пратеници. Ни принуди ни присили не можат да го натераат оној што сака да си ја сочува државата. Не може да се бараат олеснителни околности за Крсто Мукоски и останатите. Имаше уценети и за криминал. Што не ми дојдоа мене за нешто да ме уценат – рече Грчева