Собрани се околу 70.000 евра за лекување на четиригодишната Симона Хаџи-Тошев, која боледува од леукемија, информираше денеска Борис Шарковски пријател на семејството, но и дел од тимот кој ги организира хуманитраните акции. Шарковски за МИА вели дека ова се речиси половина од средствата кои се потребни за лекување на малата Симона, којашто во моментов е хоспитализирана на клиника во Загреб.
-Како што веќе информиравме уплатени се првите 30.000 евра, кои се потребни за примање на правата терапија, односно сега е на хемотерапија. Втор дел од лекувањето е наоѓање на донатор за коскена срцевина, бидејќи според испитувањето никој од семејството не е потенцијален донатор. Третата фаза е пресадувањето за коешто се потребни над 70.000 евра. Лекувањето ќе трае од девет до 12 месеци, вели Шарковски.
Благодарен е што за само десет дена преку хуманитарни акции, интернет платформи, отворените мобилни телефони и донациите од бизнис секторот и хуманите граѓани се собрани половина од средствата. Апелира граѓаните да бидат хумани и да продолжат да донираат на жиро смета 270-7000448932-95 Халкбанк-Скопје и на телефони за донации 143460 на А1 и 143424 на Т-мобиле.