Со хепенинг на отворено, на градскиот плоштад во Штип денеска се направи нов обид да се повтори хуманитарната акцијата од пред две годнии, кога со донации се спаси млад живот. Овој пат, неработниот ден беше искористен преку настап на познати штипски пејачи, деца и ученици од штипските градинки и училишта, како и од спортските клубови да се соберат што е можно повеќе финансиски средства за лекување на четиригодишната Симона Хаџи-Тошев, која боледува од леукемија.
Симона со нејзините родители од изутрината е во Загреб, Хрватска, каде почнува нејзиното лекување. Хуманите штипјани деновиве, успееја да се соберат 30.000 евра за лекување на Симона, меѓутоа, акцијата продолжува бидејќи лекувањето ќе трае околу една година.
Во Штип на неколку пунктови се поставени кутии од страна на Црвениот крст, а локални бендови на овие локации самоиницијативно организираат концерти. Фудбалскиот клуб „Брегалница“ донесе одлука парите од продадените билети на домашен терен до есенската полусезона да се донираат за Симона, а мото клубовите од регионов веќе сообраа средства. На социјалните мрежи постојано се упатува апел да се донира на жиро сметката 270-7000448932-95 Халкбанк-Скопје и на телефоните за донации 143460 на А1 и 143424 на Т-мобиле.