Туристичките здруженија предлагаат нов модел на субвенционирање – ММС
ММС

Објавено на: 10/22/19 2:35 PM

Туристичките здруженија предлагаат нов модел на субвенционирање

Субвенционирање на чартер летови, патнички и железнички сообраќај и банкарска гаранција ова се новите предлог модели за субвенционирање на странските туристи од Туристичко – угостителската комора, Здружението ХОТАМ  и  Националната Асоцијација за дојдовен туризам, со цел раздвижување на туристичкиот сектор во нашата земја.

„Големите странски тур оператори веќе ги креираат пакетите за следното лето, доколку ние немаме во скоро време што да им понудиме можно е Македонија да не се појави на програмите на дел од тие оператори“, изјави Владимир Граматиков, претседател на Туристичко угостителската комора.

„Дојдовме до заеднички модел, сублимат кој што е апликативен за нас. Главно се базира на подигнување на чартер летови, како најголема ставка кај тур операторите кога отпочнуваат нова дестинација, исто така не ги исклучува и туристичките групи  со редовните линии, патниот и железничкиот сообраќај. Вториот наш предлог кој се однесува на тековниот закон за туристичка дејност, односно еден од најполимизираните ставки од тој дел од законот тоа е банкарската гаранција, како осигурување на патувањето. Она што ние го нудиме проевропско решение, решение кое веќе се користи во многу европски држави се покажа како ефикасно, а тоа е осигурителната полиса, која го заштитува и патникот, соработниците на туристичките оператори и не претставува дополнителен терет на самите оператори“, изјави Граматиков.

Министерот за економија Крешник Бектеши, потенцираше дека во текот на оваа година за подобрување на туристичкиот сектор беа донесени Законот за туристичка и угостителска дејност, а во моментов се работи на подзаконските акти.

„Јас како министер за економија следната недела ќе свикам состанок со работната група од каде што ќе ги повикаме и нивните претставници да учествуваат, се со цел што побрзо да навлеземе за вакви промени на моделот на субвенционирање. Ова процедурално не трае многу бидејќи е правилник кој треба да се промени, не е законско решение што се однесува до моделот на субвенционирање “ изјави Бектеши кој појасни дека треба да се има во предвид  дека моментално се работи буџетот за 2020 година и дека многу е важно странските тур оператори да бидат информирани за моделот на субвенционирање, со цел следната сезона во нашата земја да престојуваат поголем број странски туристи.