Студентите и вработените на Институтот за хемија при Природно математичкиот факултет во Скопје денеска излегоа на протест, за да алармираат за незадоволителните услови во кои студираат, односно работат. Порачаа дека нормалното реализирање на високообразовната и научноистражувачката дејност е веќе доведена во прашања.
„Денеска се собравме за јавно да го изразиме нашето незадоволство од условите за работа и студирање, кои се резултат на лошите политики во високото образование во последните дваесет години и грижата за науката во последните десет години. Заради развиената висока академска свест, ние вложуваме големи напори за да ги ублажиме ефектите од континуираното влошување на состојбите. Упативме многу барања до надлежните за добивање согласности за вработување млади соработници, вложување во подобрување на материјалните услови и за подобрување на научноистражувачката дејност, но ефекти немаше. За барањето за вработување на двајца асистенти и четири виши лаборанти од нас беше побарано дополнително барање за фискален ефект и се надеваме дека ова нема да биде оставено на чекање поради последните политички случувања“, изјави раководителката на Институтот, Марина Стефова.
Таа ги образложи трите клучни барања кои ги упатуваат до надлежните:
„Првото барање е итно одобрување на барањата за вработување млади соработници од надлежните министерства, што е нужно за ублажување на катастрофалната состојба со подмладок на Институтот. Второто барање е во буџетот за следната година да бидат предвидени средства за реновирање и опремување на студентските лабаратории, како и средства за реновирање на зградата на Институтот постапно во следните неколку години. Третото барање е во буџетот да се предвидат средства за финансирање на научноистражувачки проекти, во кои покрај средства за работа во лабараторија, ќе биде вклучена и поддршка за млади истражувачи“.
Од овој Институт излегуваат кадри кои во земјава немаат услови за унапредување, па заминуваат во странство – велат професорите. Една од штотуку дипломираните студенти е Мирјана Саздовска, која посочува дека не сака да си оди, но ќе биде приморана да го направи тоа ако ништо не се промени:
„Знаењето коешто го добиваме на овој Институт е на високо ниво, но проблем е што тоа знаење не можеме да го прикажеме практично. Немаме можност за тоа. Технологијата и науката се во постојан подем, но ние немаме начин да го искажеме целото знаење што го имаме“.
На денешниот протест, студентите и нивните професори предупредија дека веќе осум години не е добиена согласност за вработување асистент, а во меѓувреме се пензионираат дел од професорите и лаборантите кои се неопходни за практичната настава. Нивниот собир пред Институтот траеше половина час, по што наставата продолжи.