Владимир Панчевски не сака да му суди Основен суд Велес за злоупотребите со АКМИС системот – ММС
ММС

Објавено на: 10/21/19 12:48 PM

Владимир Панчевски не сака да му суди Основен суд Велес за злоупотребите со АКМИС системот

Ни обвинетиот Владимир Панчевски, екс претседателот на Основен суд Скопје 1 ниту неговите бранители денеска не се појавија во судницата на Основен суд Велес. Судењето за кривичното дело што му се става на товар на Панчевски  „злоупотреби со АКМИС системот” во скопска единица,  се одложи. Неуспешни биле двата обиди на велешкиот суд , на 18 септември и 1 октомври, годинава, да му достави покана со предлог обвинителен акт и докази на обвинетиот. На барањето на судот до денеска , исто така, не одговориле со административна проверка на точната адреса на живеење на Панчевски ниту од СВР Скопје.

Но, пред пет дена,поточно на 17 октомври, до Основен суд Велес од Владимир Панчевски стигнал приговор во кој обвинетиот побарал судот да се прогласи за ненадлежан бидејќи е во исто Апелациско подрачје со Основен суд Скопје 1. Велешки суд со решение, кое се’ уште не е правосилно, го одбил приговорот на обвинетиот. Со ист датум, Панчевски, побарал судење во друг суд, наместо во велешкиот, и од Врховниот суд .

Судијката Габрила Гајдова на денешниот главен претрес  повторно побара од СВР Скопје да одговори на барањето и да ја утврди точната адреса на живеење на екс претседателот на скопска единица Панчевски, нагласи дека наредните рочишта нема да се одлагаат во колку не дојдат бранителите на обвинетиот, Глигор Петковски кој за денеска по мејл бил уредно поканет како и Горан Ѓоргиев  и го презакажа судењето за 18 ноември, годинава со почеток во 9 часот.

 

Убавка Јаневска