Над сто државјани на Албанија биле депортирани во Тирана од три земји членки на ЕУ, бидејќи ги прекршиле правилата за престој во земјите на ЕУ или барале азил.
Во акцијата која е реализирана во соработка со Фронтекс вратени се 100 албански државјани, од кои 43 од Франција, петмина од Белгија и 52 од Германија. Станува збор за лица за кои е донесена одлука да ја напуштат француската, белгиската и германската територија, поради кршење на правилата за движење во шенген зоната.
Албанската државна полиција апелира до сите албански државјани да ги почитуваат правилата за движење во шенген зоната и да не вложуваат никакви напори и да се изложуваат на непотребни трошоци „бидејќи шансите за добивање азил за албанските граѓани се нула“, пренесува весникот „Илинден“-Тирана.
Пред неколку дена 104 албански државјани беа вратени со два чартер-лета од Франција и од Германија: Вратени се 15 лица од Франција, пет од Белгија и 84 од Германија.
Според последните податоци на Еуростат, албанските државјани се единствените државјани од европскиот континент, кои се високо на листата баратели на азил во земјите од ЕУ, иако Албанија има безвизен режим со Унијата, а со тоа со речиси никакви шанси да се одобри азил.