Манчевски: Помошна алатка за спроведување на пописот ќе претставува Електронскиот регистер на население – ММС
ММС

Објавено на: 10/17/19 1:32 PM

Манчевски: Помошна алатка за спроведување на пописот ќе претставува Електронскиот регистер на население

Помошна алатка за спроведување на пописот ќе претставува Електронскиот регистер на население, за кој деталите попладнево ги објасни министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. Регистарот впрочем ќе биде единствена дата база, каде ќе ги има податоците на граѓаните, со тоа што секој од нив ќе има единствен електронски број кој ќе служи за потврда на идентитетот кога граѓанинот ќе сака некоја институционална услуга да добие по електронски пат. Ваквиот број ќе се добива случајно преку алгоритми.

„Го  напуштаме класичниот начин на спроведување на попис со огроми хартии кои ги носеа анкетарите, тие сега ќе имаат помошни соодветни уреди, лаптопи, кои при појавување на врата на анкетарот ќе ги повлекува основните податоци од Централниот регистер на население. Но таму се само основните податоци, таму ги нема податоци со кои се занимава пописот. Пример немаме етничка припадност, но исто така немаме информација за приходи и друг тип статистички операции кои што ќе се земат со пописот. Ова е само помошен механизам, за пописот да може да биде спроведен многу побрзо“, изјави Манчевски.

Освен за спроведување на пописот, Регистарот ќе помогне и во прочистувањето на избирачкиот список, а тој според надлежните, е прв крупен чекор кон институционалната дигитализација. Регистарот извесен период ќе ги чува и податоците за починати лица. Тој ќе содржи и податоци за македонските граѓани кои пријавиле иселување во странство, за да може од таму да добиваат дел од услугите. Регистарот е проект финансиран од Европската унија, а за околу еден месец треба да профункционира и националниот портал за електронски услуги.