АВМУ се разбуди и тргна во одземање на дозволата на 1ТВ – ММС
ММС

Објавено на: 10/16/19 3:02 PM

АВМУ се разбуди и тргна во одземање на дозволата на 1ТВ

Директорот на АВМУ Зоран Трајчевски за РСЕ вели дека побарале помош од МВР за обезбедување на документи од 1 ТВ затоа што размислуваат за одземање на дозволата на 1ТВ поради пропусти во емитувањето на програма, но не можат сами да ги земат поради заклучените врати на телевизијата, објави Радио Слободна Европа.

Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги не е информирана за најавите за нов сопственик за телевизијата 1ТВ и од Агенцијата се уште никој не побарал одобрение за промена на сопственичката структура на телевизијата што значи дека како сопственици во Централниот регистар се Јасна Мандиќ и Миле Јовановски, вели за Радио Слободна Европа директорот на агенцијата Зоран Трајчевски. Тој вели дека Агенцијата размислува да и ја одземе дозволата на 1тв поради пропусти со емитувањето на програмата, но за тоа им се потребни конкретни материјални докази.

„Ние не можеме да извршиме достава на никаква документација до 1ТВ бидејќи просторот таму е затворен со катанци, се емитува некаква си програма што не е во согласност со дозволата. За тоа е известено МВР и во координација со нив, тие преземаат конкретни мерки, затоа што ние немаме право да влегуваме во телевизијата внатре,“ вели Трајчевски.

Агенцијата пред десет дена се обратила за помош до МВР.

„Откако ќе ни ја обезбеди документацијата МВР, би можеле да постапуваме по прашањето за тоа дали да и се одземе дозволата“, вели Трајчевски.

Телевизијата престанала да емитува програма на 6 септември 2019 година, но за да и биде одземена дозволата по основ неемитување на програма, треба да има прекин од 30 дена во континуитет, а целосен прекин имаше само 14 дена.

„Постапката за одземање на дозволата поради неисполнување на програмскиот концепт е доста долга, затоа што и да не го исполнуваат концептот треба да им се даде простор од 45 дена да го исполнат, но ние најголем проблем ни е што немаме комуникација со нив. Ни се враќаат документите од таму, на заклучени врати некој емитува програма од таму“, ни одговори Трајчевски во телефонскиот разговор.

Новиот најавен сопственик е извесен 77 годишен пензионер Богдан Дамјановски кој за Телма изјавил дека тој е само посредник, а не иден сопственик на медиумот. Како што вели тој, новиот сопственик е Србин кој заработката во Холандија сакал да ја вложи во македонскиот медиумски бизнис. На Управата за јавни приходи, Дамјановски и се претставил како сопственик кој сака да ги исплати долговите на телевизијата кон државата во вредност од 400 илјади евра. Според она што е познато во медиумите на почетокот на месецов со досегашното раководство на телевизијата направил договор за преземање на долговите, а за возврат бесплатно да ги добие нивните удели во телевизијата.

Извор: РСЕ